Спортскиот Центар го носи името на трагично загинатиот Претседател на Република Македонија Борис Трајковски (1956-2004). Се наоѓа на територијата на Град Скопје, во општина Карпош. Центарот е изграден од страна на Владата на Република Македонија во 2008-та година. Во состав на Спортскиот Центар “БОРИС ТРАЈКОВСКИ” се наоѓа мултифункционална спортска сала која е репрезентативен спортски објект на Република Македонија. Повеќенаменската сала се користи и за културни манифестации.
Во самиот комплекс се наоѓа и мала спортска сала која се користи за тренинзи и рекреација. Центарот располага и со ексклузивен фитнес и аеробик центар. Како дел од фитнес центарот се и повеќе сауни за релаксација на спортистите. Центарот располага и со пинг-понг клуб кој е достапен за сите посетители, а истиот е дополнет со студио за масажа. Во самиот комплекс се наоѓа и куглана, подготвена по светски стандарди од меѓународната кугларска федерација со бар.
Центарот е адаптиран по стандардите на најмодерните спортски центри во САД. Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ е сликата на спортот и положбата на здравјето и вистинскиот живот кој што е достапен за сите граѓани.
Благодарение на капиталните инвестиции на Владата на Република Македонија Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ е дополнет со хокеј арена, каде за одржување на тренинзите се амгажирани тренери, кои се експерти во овој спорт. Во овој објект на располагање на сите граѓани се и тренинзи по уметничко лизгање. Лизгалиштето е достапно и за рекреативно лизгање. Спортскиот Центар Ви ја нуди основната опрема за започнување на овој спорт (кацига, лизгалки, хокеарски стап, а достапна е и нарачка на дополнителни потребни елементи).
Атрактивна содржина е и Картинг Центарот кој има рекреативен карактер и располага со осум картинзи кои се од брендот Хонда, а безбедносната опрема е од брендот Спарко. Објектот располага и со кафе бар кој служи за релаксација по возењето.
Во рамките на Спортскиот Центар се наоѓа и Семејниот Центар - игротека Habyland. Наменета е за деца до 12 години, со посебно одвоен простор за најмалите, содржи и надворешен простор со лизгалиште и бергодром за деца до 15 години, како и пријатен кафе бар со летна тераса.
Во состав на Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ е реновираниот базен Карпош. Базенот доби нов лик, како и целосно реновирање на внатрешноста. Двата базени (мал и голем) се користат за рекреативци, пливачки и нуркачки клубови и натпревари (државни и меѓународни). Дневната посетеност е од околу 500 пливачи од сите возрасти. Објектот има и тераса со лежалки за релаксација во летниот период.
Како дел од спортскиот комплекс е и Рекреативниот центар кој нуди најразлични содржини: аеробик, пилатес, фитнес, сауна, карпа за качување и сала за ритмичка гимнастика.
Во состав на базенот е проектиран и клуб за бокс кој служи за реализација на тренинзи на боксерските клубови кои се отворени од страна на СЦ Борис Трајковски и Боксерската федерација на Р.М.
Во 2013 година СЦ Борис Трајковски се прошири со најголемиот капитален објект по Арената Борис Трајковски. На 12.000 м2 изграден е првиот Аква Парк во Скопје, кој располага со најмодерни реквизити и содржини, атрактивни за целото семејство.
Во состав на Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ се има и 4 спортски продавници.
Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ е елитен комплекс и претставува единствен центар од мултифункционален карактер на територијата на Република Македонија, како и на Балканскиот Полуостров.